Насловна / Архитектура / „Лина“ засолниште за раселени лица од природни катастрофи

„Лина“ засолниште за раселени лица од природни катастрофи

lina-thumb.jpgЗасолништето е наменето како втор бран на помош во кризни ситуации, по првичните шаторски сместувања. Може да се состави за шест часа од две возрасни лица, со основен алат и со нацртанo, лесно разбирливo упатство за составување. Објектот е проектиран да засолни пет лица за период од пет години.

Според извештајот на невладината организација Christian Aid од 2007 година, бројот на принудно раселени лица на светско ниво постојано се зголемува, и се очекува до 2050 година да премине една милијарда. Поттикнат од овој застрашувачки податок, Универзитетот Алто – Оддел за архитектура, Еспо, Финска, одлучи да посвети посебно внимание на овој проблем, и од архитектонска гледна точка да го земе како основа за проектирање на достоинствен простор за живеење на раселените лица во нивните најтешки периоди. Како идеја, оваа проблематика беше поставена за годишна работна задача на интернационалната група студенти на овој универзитет, составена од 13 архитекти и инженери. Конкретно, задачата се состоеше во проектирање на привремено засолниште за пет лица со максимум 25м2 затворен простор и 5-8м2 надворешен покриен простор, за период на престој од две до пет години. Во првиот семестар од учебната година, секој од студентите разработи и презентираше свој идеен проект. На крајот од семестарот беше избран најдобриот проект, којшто во вториот семестар беше детално разработен и целосно изграден.

 

Технички концепт

Засолништето наречено "Лина" (на фински Liina – најлонски ленти) е објект од привремен карактер, кој овозможува живеење во студени климатски услови за време на кризна ситуација. Проектиран и изграден само од студентите на Програмата за дрво на Универзитетот Алто, тоа е објект направен од дрвени материјали од финско потекло, правејќи го нè само елегантeн и достоинствен за живеење, туку и самоодржливо и еколошко решение за целокупниот проблем. Засолништето е наменето како втор бран на помош во кризни ситуации, по првичните шаторски сместувања. Може да се состави за шест часа од две возрасни лица, со основен алат и со нацртанo, лесно разбирливo упатство за составување. 

lina-1.jpg

Објектот е проектиран да засолни пет лица за период од пет години, колку што се претпоставува дека е максималното време за да се изврши реконструкција на постојаните живеалишта. Потоа може да биде надграден, преместен, продаден или рециклиран. Внатрешниот простор е 18м2, проектиран да ги задоволи основните потреби за живеење во објекти од таков вид, што според стандардите на Обединетите нации изнесува 3,5м2 по човек. Тој се состои од две полуприватни простории за спиење, мала кујна и повеќенаменски простор за јадење/ дневен престој/работен простор. За загревање на просторијата и термичка обработка на храната се користи печка на дрва. Над просториите за спиење има и складишен простор кој може, исто така, да се употребува за спиење. Објектот има и дополнителен надворешен покриен дел од 7м2, кој може да се употребува за разни секојдневни дејности на жителите. Засолништето нема водоводна и електрична инсталација, како ни санитарен чвор. Појдовме од идејата дека во кампот ќе постои заедничко место со тушеви и WC.

 

Најлонски ленти

Техничкиот концепт на засолништето "Лина" е решен со префабрикувани модуларни сендвич панели, кои можат лесно да се транспортираат и состават, и можат да се складираат еднонадруго во мал простор. Секој панел е 600мм широк (половина од димензијата на цело парче шперплоча) за да се намали отпадот при изработка на панелите и да може лесно да се транспортира од едно лице. Шест панели се составуваат со едноставен спој со дрвени типли за да се добие основната форма (рамка) на објектот и се затега со најлонски ленти (од каде доаѓа името), истите што се користат во карго транспорт. Ова затегање формира цврст спој помеѓу панелите без употреба на метални конектори и без употреба на електричен алат при изградба. Потоа, така создадените рамки се исправуваат и се редат една по една, и се затегнуваат меѓусебно со три најлонски ленти. На крај, објектот се покрива со водоотпорно платно за заштита од врнежи и УВ зрачење. Заради вентилација, платното што се поставува одозгора е одвоено од панелите со дрвени профили. На тој начин може да се постигне циркулација на воздухот помеѓу панелите и платното.

lina-2.jpg

Модуларноста на панелите дозволува да се додадат или одземат рамки со цел да се зголеми или намали внатрешниот простор за живеење според потребите на жителите. Внатрешниот простор е проектиран да овозможи различен степен на приватност за одредени дневни и ноќни активности. Други параметри кои беа земени предвид при проектирање на засолништето се тежината и димензијата на панелите, едноставноста за градба и солидна термоизолација. Исто така, многу внимание беше посветено на димензиите на стандардни контејнери за транспорт за да се искористи максимално просторот при транспорт. Во еден транспортен контејнер можат да се сместат две целосни засолништа. Како решение за материјали беа избрани шперплоча и ЛЛФ (Лепен ламелиран фурнир) за конструкција на панелите и изолација од дрвни влакна. Во процесот на проектирање имавме безброј идеи за конструктивните детали кои беа анализирани со професорите и асистентите. Од анализираните решениjа, потоа во универзитетската работилница беа изработувани макети во размер 1:1 врз кои беа направени структурни тестови, земјотресни тестови на рамка и тестови во воздушен тунел на макета во размер 1:5. Резултатите од овие испитувања ни помогнаа сè повеќе да го прецизираме и усовршиме крајното решение. Сите тестови беа изведени и анализирани во соработка со тим од студенти на Градежен факултет. 

lina-3.jpg

Тимската работа и соработката помеѓу факултетите имаше огромен придонес за успешноста на целокупниот проект. Поради трусноста на подрачјето, климата и историјата со бегалски кризи заради земјотреси, суши и политички превирања, за нашиот проект како локација беше избран Aрарат во Турција. Сепак, засолништето "Лина" е проектирано така што може да се адаптира на различни култоролошки и климатски средини. Прототипот на овој концепт што го изградивме, беше изложен во центарот на Хелсинки како дел од Светскиот фестивал на селото (World Village Festival) во мај 2011 година. Исто така, "Лина" е избран и ќе биде изложен и на интернационалното архитектонско биенале во Сао Паоло, што се одржува од 2 ноември до 4 декември 2011 година.

 

Учесници

Како што беше погоре кажано, засолништето "Лина" беше проектирано и изведено од меѓународна група студенти на Универзитетот Алто од Еспо, Финска, во учебната 2010/2011. Негови учесници беа: Сигна Аршет Лое (Норвешка), Мигел Кастиљо Лопез (Шпанија), Александар Черепналкоски (Македонија), Меган Грот (САД), Владимир Илиќ (Србија), Ребека Литман Смит (САД), Марта Маркос Морано (Шпанија), Марија Мор Пера (Шпанија), Чехам О (Кореја), Хуго Плагнол (Франција), Бернардо Рихтер (Бразил), Ејнари Сутинен (Финска), Димитри Тројановски (Австралија). Како професори и асистенти во проектот беа вклучени Пека Хеикинен, Мати Куитинен, Пенти Раиски, Кристина Сантамариа Ногуеира, Хану Хирси, Рансу Хелениус и Мико Мерц.

Испрати коментар

Scroll To Top