Скопје – Македонија со заем од Европската банка за обнова и развој ќе ја реконструира железничката пруга од Табановце до Гевгелија, која е дел од Коридорот 10. Заемот во износ од 17,6 милиони евра го одобри Бoрдот на директори на Банката на 6-ти овој месец.
Како што соопштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на заедничка прес-конференција, ќе се реконструираат четири делници од железничката пруга во должина од 53 километри.
Според нив, тоа ќе придонесе за подобрување на состојбата на железничката пруга на Коридорот 10, намалување на трошоците за нејзино одржување и обезбедување сигурен сообраќај на овие делници, како и зголемувње на брзината на движење на возовите за 30 до 40 километри на час.
Министерот Јанакиески појасни дека ќе се реконструираат делниците Табановце-Куманово во должина од 13 километри, Миравци-Смоквица во должина од 13 километри, Згрополци (Ногаевци)-Градско во должина од девет километри и Градско-Неготино во должина од 21 километар. Градежните работи ќе почнат во 2011 година, а треба да завршат до 2013 година.
– На овие делници во моментот брзината на движење на возовите е меѓу 50 и 60 километри, а по реконструкцијата таа ќе достигне до 100 километри, истакна Јанакиески.
Според минитерот за финансии Ставрески, последниот ремонт на овие делници, чиј кумулиран поминат товар е проценет на 230 милиони бруто тони, е извршен пред повеќе од 40 години. Пругата има големо значење и за економскиот развој бидејќи најголемиот дел дури 90 проценти од транспортот на стоките се одвива преку овој Коридор.
Заемот што го одобри ЕБОР е со рок на отплата од 15 години, со грејс период од три години и каматна стапка од два процента.
Ставрески и Јанакиески на денешната прес-конференција информираа дека конкретно се работи и на реализација на проектот за изградба на железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија, која се очекува да продолжи да се гради наредната година, за што, според проценките, се потребни 400 милиони евра.
ЕБОР обезбеди грант средства во износ од 1.200.000 евра како техничка помош за имплементација и супервизија на проектот, а од овие средства 500.000 евра ќе бидат наменети за изработка на физибилити студија и студија за влијанието врз животната средина. Активностите околу изработка на овие струдии треба да завршат до средина на 2011 година, по што ќе следи и обезбедување на неопходните финансиски средства за затворање на финансиската конструкција, за што досега ЕБОР и Европската инвестициска банка покажаа интерес за финансирање. (МИА)