Со цел да се подигне нивото на услуги на корисниците на патиштата, но пред се во насока на зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, и оваа година ЈП за државни патишта го продолжува проектот за осветлување на клучките на државните патишта.
Осветлувањето на 12 клучки и раскрсници на регионални патни правци со поддршка од Светска банка е започнато и се очекува овие активности да завршат до средината на септември оваа година.
Се работи за клучките Оризари, Истибања, Удово, Асамати, Љубојно, Македонски Брод, Пелинце, Виница, Лаквица, Росоман и клучка Карпош – Куманово. Вкупната должина на осветлен пат на овие 12 клучки изнесува 10.200 метри, а ќе бидат поставени вкупно 255 еднокраки и двокраки канделабри. Инвестицијата е во вредност од 36 милиони денари.
На клучката Карпош – Куманово на регионалниот пат Куманово – Свети Николе како и на клучката Пелинце на делницата Куманово-Пелинце, градежните активности се во поодмината фаза и се работи на поставување на канделабрите, додека на клучката Пелинце е завршено со бетонирање на фундаментите за канделабрите, по што ќе се отпочне со нивно поставување.
Паралелно се започнати градежните работи и на клучките Асамати, Љубојно и Суводол-Македонски Брод, а се планираат активности за отпочнување и на клучките Оризари, Истибања и на влезот во Виница.