Со инвестиција од 600.000 денари, заврши реконструкцијата на машката бања Кежовица во Штип. Нејзината обнова привлече голем број граѓани кои љубопитно сакаа да ги видат новите услови во кои ќе ја користат природната термална вода на Кежовица.
– За само 42 дена, успеавме да ја обновиме машката бања и притоа да вложиме минимални средства. Ниската цена беше постигната поради аукцијата, при што имаше пад на цените при наддавањето. Сега се нудат комплетни услови за капење во машкиот дел, а Кежовица може да се каже дека заличи на европска бања – изјави директорот на ЈП „Исар“, Ангел Бојаџиев.
Градоначалникот на Штип, прим. м-р Илчо Захариев изјави дека е задоволен од она што е направено и дека новото раководство покажува знаење и умешност во работењето:
– Град како Штип, кој има благодет да користи термални води а притоа да има такви лоши капацитети, беше нешто што е непоимливо. Со обновата, сега имаме модерна бања. Дополнително, општината ќе распише конкурс со кој локацијата кај градскиот базен ќе ја даде на приватен инвеститор за конструкција на аква центар, со хотел и други елементи, а ќе се потрудиме да поставиме цевковод со кој термалната вода од Кежовица ќе ја донесеме до овој дел. Наша обврска е во јули да го обновиме патот до бањата, кој е многу уништен и со тоа ќе биде заокружена обновата на Кежовица.
Претходно ЈП „Исар“ ги обнови просториите за престој на гостите со инвестиција во пвц столарија, поставување на ламинат и други елементи.