Насловна / Архитектура / Отворено писмо по повод Скопје Евтопска престолнина на културата

Отворено писмо по повод Скопје Евтопска престолнина на културата

Во македонското премрежие што го живееме, ова отворено писмо е вообичаен конструктивен и јавен начин на обраќање до одговорните почнувајки од премиер, министри, градоначалници, директори, раководители…Целта е да се сврти вниманието на еден детектиран проблем за да се направи ургентен пристап кон негово сериозно разрешување.

Нема поубава афирмација за нашата древна Македонија од честа да токму градот Скопје биде Европска престолнина на културата на 2028 година. Укажаната доверба годи, ласка и обврзува и е вистински предизвик за сите нивоа на управување во државата и градот, особено по поставениот постулат на доверениот проект кој е „Културата над поделбите“. Значи, момент е за укажување на  неприкосновената автономија на културата во општеството, момент е за создавање ново вредносно јадро, за ново сведоштво на феноменот солидарност, за промовирање на регенеративни урбани практики и сл. Препознатлива цел би била возобновување на духот на местата и градските урбани симболи; би требало да дојде до вдишување на нов живот во културата на градот.

Инаку, Иницијативата Европски престолнини на културата (ECOC) е дизајнирана за да се подвлече богатството и различноста на културите во Европа, промовирање на културните карактеристики што ги споделуваат Европјаните, зголемување на чувството на припадност на заедничкото културно подрачје на европските граѓани и поттикнување на придонесот на културата во развојот на градовите.

Познати ни се столбовите на културната извонредност на доделениот проект именувани како: Art4hope, Togetherness, rECOvering, CreARTing. Околу нив ќе се плетат програмските содржини.

Проблемот што го поттикна пишувањето на ова писмо, е што се чини дека сериозните подготовки за овој слоевит и повеќедимензионален проект или не се отпочнати, или тие не се транспарентно пласирани во јавноста, или не се доволни. Се мисли пред се на потребната инфраструктура за негова реализација, односно максимално искористување на капацитетот и перфомансите на просторот. Мора итно да се делува оперативно, организационо и  паралелно на повеќе фронтови, незаборавајќи на етичките и естетските хоризонти на културата.. Мора итно да се делува институционално, стручно и финансиски на наведените приоритетни теми, а за полесно одредување на нивната динамика, еве, една експертска проценка и преглед на релевантни простори со куси осврти.

Кале

ИСТОРИСКИ СИМБОЛИ НА ГРАДОТ

Скопската тврдина Кале, тоне во повеќедецениски заборав иако е најмаркантнатниот простор на градот и најатрактивна туристичка дестинација. Игнорантниоот однос и плиткоста на делувањето на одговорните создава горко чувство на неорганизираност. Трите музеи кои со обемната реконструкција беа планирани и посветени на неолитскиот, отоманскиот и средновековниот период можат во оваа прилика да станат нови содржини. Но, пред се потребно е да се постави елементарната урбана опрема, инфо-табли, мапи, патокази, точки-видиковци, јавни тоалети. Мора да се смени ова лице на нашето летаргично постоење.

Река Вардар со Камениот мост се значки на градот кои бараат достоинствен третман, а тој подразбира уредување на кејот, чистење на коритото на реката (одстранување на галиите) и сл.,

Стара Чаршија со дваесетина културно-историски споменици, Аквадуктот и Скупи се специфични урбани целини на кои само висоскостручно може и мора да се интервенира. Тие се податливи како места за одвивање на културни настани и особено важни  и атрактивни како туристичка промоција.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“

Модерно Скопје  – „Симбол на солидарноста“ е епитет на градот и тој се крепи со повеќе објекти, но модерното Скопје ќе се нагласи само ако блесне бруталистичката архитектура. Иако маргинализирана, нејзиниот доминантен дел е видлив. Тоа е материјално и духовно богатство што заслужува „нови читања“. Актуелизирана е интервенцијата на Шалтер салата на Централната Пошта, како на загрозен пример на постземјотресното градителско наследство, кој покрај визуелната перцепција нуди висока едукативна моќ., а постојат уште десетина во слична  состојба (Универзитетскиот кампус, Архивот на град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Управата за хидрометеоролошки работи, и редица други). Македонската академија на науки и уметности и  Уиверзитетската библиотека со доградбата која не е во употреба, Сите тие треба да играат круцијална улога во овој проект како простори со опции за културолошки случувања.

Шалтер салата на Централната Пошта

Универзална сала (во обнова) представува посебен мемориски запис на модерниот живот на градот, а има капацитет, податливост и флексибилност за одржување на  настани од културата така да е предуслов за слуувањата во 2028 година.

Универзална сала

ЈАВНИ ПРОСТОРИ

Со колку и какви јавни простори располага Скопје е осознаено преку проектот „Заедници за одржливост II”(АФ,УКИМ), така да квалитативните и квантитативните особености на јавните отворени простори сочинуваат една квалитетна евалуација. Сето тоа треба да стане референца на градот за неговата улога на домаќин, а во таа смисла плоштадите се најзначајни.

плоштад Македонија

Со сите интервенции што се направија во изминатиот период на Плоштад Македонија, тој го изгуби првобитниот имиџ и избега од реката. Опкружен со кичести и недовршени зданија претставува чуден неодржуван простор на кој мора да се интервенире. Доколку се има силна волја и авторска креативност овој простор може да добие до 2028 година едно ново препрочитување.

плоштад Скендер бег

Скендер Бег плоштад има издржани архитектонски елементи,, но дискутабилна урбана поставка. Тој најчесто е празен што значи не ја исполни  функцијата за која е наменет – јавен социјален простор за спонтано собирање и заедништво. Неопходно е да се размисли за содржина со која просторот ке заживее.

Музеј на Град Скопје

МУЗЕЈСКА НИЗА

Музеј на Град Скопје е исклучително важна точка со мемориски вредности и препознатлив симбол н акатастрофата од 1963 година и со изградбата на комплексот „Дајмонд“ е оскрнавен, задушен и девастиран како вредност. Потребна е силна визуелизација и тематско издвојување на објектот од комерцијалниот контекст.

Музеј на Современа Уметност

Музеј на Современа Уметност е архитектонски бисер што барува и заслужува особена нега и актуелизирање (расчистување) на околниот простор, а Музеј на Македонија е во катастрофално лоша кондиција така да претставува опасност од уништување на материјалот кој го сведочи македонскиот идентитетот и треба да е висок национален интерес. Природнонаучен и Етнолошки музеј  треба да се иновираат за да влезат во понудата на 2028 година.

Музеј на Македонија

ЗЕЛЕНА ИНФРАСТРУКТУРА

Градски парк

Потенцијалот на зелената инфраструктура побарува одредување на одговорни управувачки субјекти за секоја целост како што се Градски Парк, Парк шума Гази Баба, Кејот, Водно и конекторите. Секако тоа подразбира  строго дефинирани надлежности, односно менаџмент планови фокусирани на 2028 година. Се очекува обезбедување на континуитет долж последните зелени упоришта на градот и нивна регенерација.

Парк шума Гази Баба

ТЕАТРИ

Театарската уметност која во изминатиот период имаше светли периоди, денес функционира со половина здив. Градот нема театар кој ги задоволува современите стандарди. Старо-новиот театар во техничка и естетска смисла има многу пропусти што создаваат проблеми. Театарот Комедија функционира во руиниран објект. Детскиот театар функционира во изнудено решение. Турскиот театар мора да се заврши, а реконструираниот театар на народностите во Стара чаршија мора добие соодветни пристапи и паркиралиште. Неопходно е да се изгради нов објект на Драмскиот театар кој е во распаѓање.

Драмски театар

АЛТЕРНАТИВИ, МОЖНОСТИ

Постојат иницијативи за обнова и пренамена на напуштени објекти и создавање на хибридни центри во служба на културата како старите објекти на Славија, напуштената фабрика Купрум, Хром. кои треба да бидат поддржани. Всушност, постојат „парчиња“ во градот кои чинат силен  историски  наратив, мемориски точки, простори и објекти кои будат емотивни чувства од кои може да се направи  прекрасна приказна за минатото на градот. Патем, за спомнување е дека нема резултати од сериозни анализи за димензионирање и диспозиција на мега-структури кои се неопходни како например Културен центар, Конферецијски центар или Мултифункционален центар или само една пристојна концертна дворана со поголем капацитет и модерна архитектура..

Ова писмо добронамерно потсетува на факторот време во подготвувањето на градот за Европска Престолнина на Културата и го поддржуваат потпишаните граѓани, а затоа што Скопје не е само град, туку и симбол на вербата во подобар свет.

*Компилацијата на текстот од повеќе автори ја подготвија архитектите Душанка Шуловиќ и Даница Павловска – Циги

Испрати коментар

Scroll To Top