Аеродром е една од трите пилот-општини кои ќе учествуваат во Проектот за енергетска ефикасност во секторот домување во Македонија, во соработка со УСАИД и Здружението за хумано домување Хабитат Македонија.
Во рамките на овој проект ќе се евидентираат сите станбени згради во општината и ќе се формира регистар на станбени згради и регистар на управители.
– Целта на овој проект е да се направи регистар на станбени згради во општината и да се воочи актуелната состојба на зградите. Ќе се утврди колку од зградите се енергетски ефикасни и на колку од објектите треба дополнително да се интервенира, – велат од општина Аеродром.
Со проектот, нагласуваат, ќе се подигне јавната свест за значењето на енергетската ефикасност, како и за потенцијалот што го има за создавање нови работни места и подобри бизнис можности.