Насловна / Архитектура / Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери: Ниедна состојба не се поправа само со наоѓање маaни и со критика

Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери: Ниедна состојба не се поправа само со наоѓање маaни и со критика

Миле Димитровски е професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој после 38 години работа на Универзитетот се откажа од работното место редовен професор со втор реизбор на Машинскиот факултет на Институтот за термичко инженерство, и после изборот за претседател се вработи со постојано работно време во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

DSC_0094

Во својата кариера има бројни научни достигнувања, но и стручни и публицистички. Автор е на десет универзитетски учебници, за додипломски и последипломски студии. Акредитиран ментор на магистерски и докторски студии при УКИМ и ментор на 10 магистранти и четворица докторанти кои ги завршиле своите трудови и дисертации. Шеснаесет години бил главен и одговорен уредник на списаниe за машинство, уредувал неколку броја на ПРЕСИНГ, а сега е гавен и одговорен уредник на ИНЖЕНЕРСТВО. Напишал повеќе од 120 написи во дневни и неделни весници во врска со екологијата, инженерството, сообраќајот и образованието. Бил проектант на проекти од термичко инженерство, главен ревидент за машинство на проектите за гасификација на РМ, и главен надзор на изведбата на сценски технологии на стариот нов театар во Скопје.

Во Комората е од нејзиното формирање, учествувал во нејзината работа во одбори, комисии и тела. Активно соработувал со претходните претседатели за сите прашања од интерес на комората. Член е на одборот за меѓународна соработка и претставник во ЕЦЕЦ, и член на комитетот за образование во светската инженерска федерација (WFEO). Соработува со претседателите на коморитe од Европа и Балканот, а со многу од нив е и личен пријател. По негова иницијатива и лобирање, 14. Генерално собрание на европскиот совет на Комори ќе се одржи во октомври во Скопје, а е под покровителство на Претседателот на Република Македонија. Бил активен учесник во подготвката на договорите за заемно прифаќање на овластувањата со соседните инженерски комори.

DSC_0771

Комората брои над 3100 активни членови, организирани во повеќе професионални одделенија. Колку се тие реално активни?

-На крајот на минатата година, за потребите на завршниот извештај, подготвена е статистичка информација дека во комората има 3152 членови кои ја платиле членарината и ја продолжиле важноста на своите овластувања. Тие се нарекуваат членови со важечки овластувања, додека во информационата база постојат уште 3900 членови кои од разни причини задоцниле со уплата на членарината и според законот не можат активно да ги употребуваат овластувањата. Сите членови се зачленети во професионални одделенија зависно од професионалната определба, и такви има вкупно 12 одделенија. Одделение со најголем број активни членови е професионалното одделение за градежништво со 1073 членови, а потоа архитектура 719, електротехника 502, машинство 448, урбанизам 219, геодезија 57, геотехника 44, ЗПР/ППЗ 16, животна средина 27, сообраќај 43, технолози металурзи 5, енергетска ефикасност 120, но исто така и 83 (од 445) странски државјани со потврдени различни овластувања.

Секое одделение има свој Одбор составен од седум до 11 членови, кој има задача да се грижи за потребите на струката, и да промовира, предлага и да организира активности неопходни за членовите на таа струка. Одборите се состануваат по потреба и доколку нема новини во законската и подзаконската регулатива, се обидуваат да ги освежат знаењата на своите членови преку организирани предавања, или истакнати членови од струката преку свои написи во ПРЕСИНГ да ги заинтересираат членовите за некоја проблематика. Поимот реална активност е дека секој член на одделение активно го користи своето овластување за стручно и професионално извршување на работите поврзани со овластувањата.

ic_large_w900h600q100_dsc-0404

Приходите се над 400.000 евра!! Прилично богата организација. Меѓу членството е општо прифатена тезата дека комората е само ефикасна во „собирање“ на парите… На што се трошат парите?

Секоја година, па и оваа 2017, Управниот одбор на Комората поднесува финансиски извештај и завршна сметка до Собранието на комората за приходите и расходите, и за видот-начинот на реализација на расходите. За 2017 година, по барање на претседателот на комората, поканета е меѓународна ревизорска куќа да поднесе извештај за финансиското работење во 2014 и 2015 година и да ја контролира завршната сметка за 2017 година, а тој материјал заедно со финансискиот извештај е поднесен до Собранието кое едногласно го прифати. Особено констатацијата на надворешната ревизија дека со средствата и со парите се ракувало одговорно и домаќински.

Целокупниот финансиски извештај, завршната сметка, се наоѓаат на веб страницата на комората како материјали од собранието 2017 година, и од него може да се види кои се расходите (трошоците) на комората за тековната 2016 година. Секое симплифицирање од типот се потрошило повеќе за ова помалку за она, е некомплетна констатција и ново прашање за детална елаборација.

Дополнително за трошењето на парите, по барање на член на Управниот одбор, направена е ревизија на трошоците за реконструкција на новиот простор на Комората, и на УО е констатирано дека реконструкцијата ја изведувала фирма (фирми со најповолни понуди, за секоја фаза посебно: ентериер, столарија, електрика, машинство, мебел) и дека има минимално пречекорување од 2,9% за непредвидени работи во ентериерот кои пректантот не успеал да ги предвиди во предмерот.

Инаку, долги години наназад Комората се однесувала многу штедливо и рационално и како резултат на тоа во 2016 година инвестираше во купување на сопствен простор во самиот центар на градот ( Буњаковец), кој целосно го реконструираше и го опреми, но и натаму се однесува многу рационално со сите расходи.

Кој е соодносот на членови од јавниот сектор/државна администрација, факултети…/ и оператива, приватен сектор, а каков е соодносот во управувачките структури?

Вкупниот број на членови на Собранието (највисок орган на управување во комрата) изнесува 75. Од нив 10 се универзитетски професори (13%) од три универзитети во Македонија (градежни 4, архитекти 2, електро 2, урбанизам 1, животна средина 1), од државниот сектор вкупно 4 (5%), бизнисмени сопственици на фирми 12 (15%), сите други членови се вработени во приватни и државни фирми и носители на овластувања. Дали овие бројки укажуваат на некој несразмер?

Програмата на одделенијата ја реализираат самите одделенија преку Одбор на професионалното одделение кој брои од 7 до 11 членови. Претседател на одборот е и претседателот на професионалното одделение избран на напосредни јавни избори. Одборот се избира со јавно гласање од избраните делегати во собранието и најчесто е составен со внимание за територијален, родов и национален принцип за да има претставници од сите структури. Листите се наоѓаат на веб страницата и во неа не може да се забележи некој несразмер за кој се инсинуира во прашањето.

Внесување на разни клучеви за избор „статутарно определување на квоти… “ е застарена методологија кога се работи за јавни транспарентни избори (во секоја смисла). На изборите победуваат оние со најмногу гласови и тие во кои членството има најголема доверба. Никој не станал член на Комората затоа што е само од реалниот сектор, или од универзитет или дека е жена, туку заради тоа што е архитект или инженер со важечки овластувања и така е и избиран во раководните структури на комората, но водењето сметка за различни видови на соодветна и правична застапеност е правило кое Комората и во иднина ќе се труди да го запази.Komora-na-inzeneri-i-arhitekti-1

Инженерската фела од градежништвото сè уште има едно единствено овластување иако постојат различни смерови: хидросмер, патишта, конструктивен. Не е ли крајно време да се регулира со соодветно овластувањe?

-Доколку одборот на одделението за градежништво, делегатите на Собранието и членството, најдат за потребно да покренат таква измена во Законот, ќе биде добро да поднесат предлог за издавање овластување со ограничување за насоката на која завршил инженерот, кој Комората би го поднела во Министерството и собранието со соодветно образложение. Треба да се има предвид дека решението може да има и други импликации (можеби формирање посебни одделенија) и треба да ги земе предвид и завршените инженери на сите високошколски установи во Република Макеоднија, и можноста и тие да добијат некое од нововоспоставени овластувања. Исто така ќе мора да се разгледа и можноста за замена или поништување на веќе издадените општи овластувања на градежните инженери со кои се стекнале во минатите години. Комората е подготвена да ги поднесе и да ги брани сите логични и конструктивни предлози на одделенијата, кои ќе придонесат за олеснување на нивната работа или поголем ред и квалитет во работата. Доколку тоа се случи во одделението за градежништво, можеме да очекуваме слични иницијативи и од архитектите, машинците, електроинженерите, техннолозите итн.

Ценовникот за инженерски, проектантски услуги никако да се донесе, што директно влијае на тоталното деградирање на цените на услугите во пракса и работењето за без пари. Сите нормални држави го имаат тоа регулирано, а кај нас тоа е оставено на „дивиот пазар“ и нелојалната конкуренција во која сите се губитници (освен инвеститорот). До кога?

-Работна група од првиот состав на Собранието на комората изготвила Ценовник (тарифник) за инженерските услуги и го поднела на разгледување во Министерството за транспорт и врски. Работната група ја раководел претседателот на комората, кој и директно потекнувал од Министерството, а му помагале дел од потесното раководство на Комората (архитекти, урбанисти, планери и инженери). Нема многу документирани записи за постапката, но е познато дека Министерството инсистирало поднесениот документ да се приспособи кон категоризацијата на објектите од Законот за градење, што работната група го сметала за несоодветно. Министерството побарало и други измени и дополнувања на кои не добило одгвор. Материјалот што е поднесен претставува скоро целосен превод на хрватскиот тарифник, приспособен на законот за градење во Хрватска, а нашиот требало да биде приспособен на нашиот Закон за градење (кој исто така е пресликан од хрватскиот). Вториот состав на Собранието не се занимаваше со тарифникот, освен што добиваше информации дека нешто се чека, дека некој нешто кочи итн. Неколку пати работната група беше замолена писмено да продолжи со работа и да реферира за сработеното, но тое не се случило. Јас затекнав статус кво. Од една страна, дека Комората презела активности и дека материјал постои, а од друга страна, дека секојдневно членството, приватниот сектор, ААМ и други опоменуваат дека комората тоа не го направила. Сепак, тарифникот – ценовникот не е донесен.

Во меѓувреме во Европа сите ценовници се оспорени со Директивата за слободен проток на пари, идеи и луѓе, и се смета дека ценовникот создава монополска положба и незаконски пречки на примената на директивите на Европската Унија… Во исто време Хрватската комора е казнета заради објавување на ценовник (со 10% од вкупниот годишен приход на Комората). Инженерските комори кои имаат ценовници бргу ги транформираат во нешто друго – нормативи за проектирање и надзор, утврдување на обемот на работите како основа за цена, изразена во поени и слично.

Во годишната програма за 2017 г. експлицитно е најавена активност на анализа на досегашните активности, и подготовка на материјал за тарифник. Првата фаза покажа дека ништо не е направено, дека нема корекции на доставениот предлог во Министерството, дека министертвото чека, дека нема работна  група…

За нов почеток, поканета е Хрватската комора да го презентира важечкиот успешен модел на Нормативи за утврдување на вредноста на работите.., придружен со компјутерска програма за пресметка на цените на услугите. Се очекува нивно дводневно гостување со целодневни практични примери, а потоа создавање на тим за нов почеток, со куси рокови за завршување на работите.

Во меѓувреме се усложнува состојбата во Европската Унија, која не е заинтересирана за инженерскиот труд и утврдување на неговата цена, туку со други сосем спротивни принципи кои ја форсираат најниската цена на услугите занемарувајќи го квалитетот…

Што е тоа што тотално ги деградира цените, немањето ценовник или нелојалната конкуренција на инженерите меѓу себе? Проектирањето за без пари и порано беше пракса, но во големите фирми кои вработуваа стотици инженери, се работеше „гратис проектирање“, кое потоа во договорната економија се наплаќаше преку изведбата на проектираните објекти од истата фирма. На тој начин инженерите работеа за плата, које се остваруваше од целиот завршен проект. Денес секој го гледа својот интерес па затоа проектантите понекогаш за да преживеат ги спуштаат цените под подносливото ниво (само за да преживеат и не само во Македонија…) исто е и со надзорните органи, а и со ревидентите. Можно е дека и тарифник и правилник со сериозни санкции кон прекршителите нема да го решат прашањето, туку само добра и здрава економија и квалитетни инженерски услуги.

До кога? До стабилизација на економијата на државата, но тоа не е прашање што може да го реши Комората, мислам на стабилизација на економијата.DSC_0137

Членството за сите овие незавршени теми ја обвинува Комората. Колку е за сето ова виновна и самата фела со својата неактивност, но и државата која во сиве овие години само ветуваше, го менуваше Законот за градење десетици пати?

-Флоскулата „членството за сите овие незавршени теми ја обвинува Комората“ е добра за општо обвинување на правниот субјект КОМОРА. Но вистинската вина ја имаат избраните носители на функции во Комората, одделенијата и комисиите. И секој од нив има име и презиме. И треба да се именуваат тие што не инсистирале на донесување на програма за работа која во себе ги содржи најважните животни прашања за фелата. Исто така и оние што ги усвојувале извештаите за работа, а не биле задоволни со завршената работа.

Државата само ветувала. Кому и што ветила со законот за градење? Имавме ли ние колеги пратеници кои ќе се заложеа во парламентот за важните прашања на комората? Има ли такви во министерствата? Создадовме ли ние лоби-групи и пријатели на комората кои ќе ги каневме да ги разберат нашите барања? Или само преку критики и обвинувања наоѓавме маани на сè што не ни се допаѓаше или не ни се чинеше правилно.

Па и констатацијата „само ветуваше, го менуваше законот за градење десетици пати, но за фелата никаков плус“. Како да не става нас на другата стана од барикадата, а се наоѓаме во „истиот брод“. Дали законот ги фаворизираше инвеститорите, или нечии роднини, или пријатели, или беше подеднакво корисен или штетен за сите.

Ниедна состојба не се поправа само со наоѓање маaни и со критика. Треба помош на сите инстанци, никој не е толку паметен да знае сè. И на претседателот на одделението му треба стручна помош, и на претседателот на Комората, и на претседателот на собранието и на надлежниот службеник во министерството и на министерот… , а ние сме тие што треба да ги измериме предностите и недостатоците, и аргументирано да ги бараме правата и да ги почитуваме обврските.

„Пресинг“ е списание на Комората со посебен стил на презентација, поприлично различен од изданијата на „Порта 3“. Идејата за соработка на двете списанија постои повеќе години… Дали може да се очекува поинтензивна соработка на списанијата во интерес на поширок круг на читатели?

-Точно е дека во Република Македонија постојат три списанија кои се наменети за читатели од инженерска провиниенција. Тоа се „Порта 3“, „Пресинг“ и „Инженерство“. Тие се сосема различни и според уредувачката политика и според целната група на која се наменети. На пример „Инженерство“ излегува два пати годишо и е наменето најчесто за средношколци кои треба да се привлечат за запишување на техничките факултети и за нивните родители.     „Пресинг“ е гласило на Комората, го добиваат членовите на домашна адреса и содржи стручни и научни написи за подигнување на знаењата, или студии на прашања од интерес на научно и стручно информирање на членството. Има и мал дел информации за работата на Комората, Собранија, одлуки и слично. Излегува пет до шест пати годишно. Уредувачкиот одбор е само од членови на Комората.

„Порта 3“ е универзално списание за подигнување на информирањето на стручната јавност за стручни и популарни содржини од областа на архитектурата, градежништвото и  животната средина, излегува секој месец, и е во јавна продажба и поголем тираж. Уредувачкиот одбор е од афирмирани инженери од различни структури и може да е интересен и за поголем круг читатели кои се интересираат за техниката и инженерството.

Соработка е секогаш можна, и на двете и на трите списанија. Одговорните уредници треба да се сретнат и да најдат заеднички содржини и форми на соработка, која ќе ја спроведат и ќе продуцираат интересни технички содржини за целните групи од двата или трите часописи. Комората ќе биде отворена да ги прифати сугестиите од заедничкиот состанок на уредниците и да поддржи издание или повеќе изданија на часопис од заеднички интерес.

Дали членовите треба да очекуваат позитивни промени во водењето на Комората, имајќи  го предвид Вашето богато професорско искуство, искуството во менаџирање во високошколска установа и учество во работата на сложени административни системи?

-Изборот на претседател од различни професионални одделенија треба да биде знак дека сите струки треба да имаат правично учество во највисоките раководни структури на комората, но изборот треба секогаш да биде првенствено врзан со стучноста и компетентноста на кандидатот што се избира. Доколку е можно, при изборот се води сметка за струката, родот, националноста или територијата на дејствување, и за тоа треба да се има предвид во поплонувањето на управувачка структура на Комората.

Проценувам дека долгогодишното искуство во работата во слични организации, соработката со законодавството, работата со луѓе и одличниот состав и професионалното однесување на членовите на Управниот одбор (кој фактички ја управува Комората) се добра основа за позитивни промени.

Досегашната работа е охрабрувачка и се надевам дека Управниот одбор кој во наредните четири години  ќе го менаџирам, ќе ја реализира програмата што ја поднесе на усвојување до Собранието, и која со акламација беше усвоена. Се надевам на целосна соработка и помош од Собранието на Комората и на избраните членови на надзорниот одбор, дисциплинската комисија и второстепената дисциплинска комисија, како и од сите членови на Собранието. Се разбира и енергичноста, способноста за медијација, упорноста и соработката со членството и со надлежните министерства ќе продуцираат решавање на најголем број од сложените барања на членовите на Комората и на инженерската заедница во целина.

 

2 коментари

  1. petar kamcevski od kavadarci clen na komorata

    ne sum zadovolen od agilnosta na oddelenieto za gradeznistvo vo delot na -informacija za sumata za plakanje na godisna clanarina cekam 2 dena za odgovor so site mailovi i telefonski javuvanje nie treba da se molime na gospogata da ni ja kaze cifrata ova e svarno nedopustivo 2 DENA za odgovor pozdrav

  2. Анонимен

    petar… dva ili 10 dena ili 100 godini isto ti e… KOMORATA FUNKCIONIRA SAMO ZA FUNKCIONERITE VO KOMORATA.
    Sramota e sto komorata zivee od clanarini na clenovite a ne od konzumatorite na uslugite na clenovite. Sramota e sto ako ne si vo drzavata 5 godini, mora da platis unazad za tie pet godini ako sakas da prodolzis so licencata vo makedonija… I ne samo sot ke platis nego nema da ti gi dadat materijalite od tie 5 godini nanazad. Ne deka se nekoi materijali.. ama ako .. red e .. domakinski..
    Ne e kriv ni MIle ni pile ni trajko ni petko.. krivi sme nie sto postavuvame lugje sto nesakaat da go smenat toa sto ne cini.. So ne sakaat da razmislat so glavata tuku ova go gledaat samo kako licna titula…
    Zatoa i sme taku kade sto sme.
    Pozdraf

Испрати коментар

Scroll To Top