Насловна / Вести / Грција го добива првиот паметен град

Грција го добива првиот паметен град

„Елиникон“ стана една од главните теми во Европа, како еден од најголемите проекти на урбана трансформација. Базиран на концептот „15 минутен град“, овој амбициозен план од 8 милијарди евра, под водство на компанијата LAMDA Development, нуди сеопфатен животен простор за своите жители, посетители и работници. Овој проект ќе го трансформира Меѓународниот аеродром во Атина, кој бил во функција од 1938 до 2001 година. „Елиникон“ ги комбинира резиденцијалните и деловни објекти, забавните и културни содржини, а во средиштето е простран парк од 2 милиони квадратни метри. На проектот работат реномирани меѓународни архитектонски фирми како Foster and Partners, Kengo Kuma and Associates, Bjarke Ingels Group (BIG), Aedas, SAOTA, Oppenheim Architecture, заедно со грчки фирми какко 314 Architecture Studio и Bobotis+Bobotis Architects.

Во јуни 2021 година, само шест месеци по почетокот на работите, LAMDA Development го заврши првиот дел од Ellinikon Experience Park. Овој дел на проектот покрива 75.000 квадратни метри и се наоѓа на местото на некогашните аеродромски хангари. Кога ќе биде целосно завршен, овој парк од 2 милиони метри квадратни, ќе биде најголем крајбрежен парк во Европа. Ellinikon Experience Center е отворен во април 2022 година, и им пружа на посетителите прилика да го истражат проектот на обнова преку повеќе од 22 технолошки изложби и дигитални активности. Уште еден дел од проектот, зградата AMEA, ќе биде отворена оваа година.

LAMDA Development планира завршување на најголем дел од објектите (резиденцијални и деловни) во овој комплекс во текот на 2026 година. На брегот ќе се најде и еден од најлуксузните хотели –  Mandarin Oriental. Ќе има 123 соби и апартмани, вклучувајќи и 17 брендирани резиденции. 14 најважни историски споменици ќе бидат поврзани со „Културната рута“ долга 12 km. Во фокусот се и патека за велосипеди и инфраструктура за електрични возила. Поранешната зграда на аеродромскиот терминал, ќе биде преуредена во централен дел на просторот за различни манифестации. „Елиникон“ претставува проект кој ја интегрира напредната технологија и одржливиот развој, чувајќи ги притоа културното и историското наследство на Атина.

Испрати коментар

Scroll To Top